Атеистот и Господ... и љубовта
Сакам да верувам дека има нешто над мене, дека некој ги следи моите постапки... дека некој еден ден ќе ме казни за нив... а доколку не ме казни, да ме смести заедно со оние кои што прерано заминале од мојот живот.
Сакам, навистина сакам, да е вистина сето она за што зборуваат луѓето околу мене. Посакувам никогаш да не отидев на училиште, никогаш да немав час по биологија и физика и НИКОГАШ да не го видев последното издишување на дедо ми пред мене. Се претходно ми беше 50:50, секогаш кога се плашев се надевав дека има нешто што ќе ми помогне и секогаш кога ќе направев нешто „неморално“ некој би ме казнил. Но од тој момент сите мои присуства на училиште и сите часови по биологија испаднаа дека се реланост – човекот е материја, организам... донекаде и машина, и ништо повеќе! Тој ден престанав да верувам... и не се плашев, ниту пак размислував дека нешто ќе ме казни поради мојата одлука. Така и останав.
И сега не верувам... а, и не се плашам... само посакувам да верував. Сакам да верувам дека сега над мене стои ангелчето, кое пред некое време прерано одлета од мојот живот, и ми се смешка со подзинатото усте и замижаните очиња како што секогаш правеше кога ќе згрешеше нешто и се обидуваше да се извечи... и секогаш се извлекуваше. Никој неможеше против таа насмевка. Сакам да верувам дека таа насмевка беше потребна во некој друг свет. Дека таму имало премногу тажни луѓе кои очајно барале некој да им донесе радост. Сакам да верувам дека сега сите таму се весели. Дека сите имаат насмевка на лицата... Затоа што и покрај се јас сеуште ја имам. Иако животот за една секунда ми се промени засекогаш, и многу работи кои претходно многу ми значеле сега не вредат баш ништо, сеуште во мене го носам споменот на една личност која беше присутна тука само 7 години, а која во мене всади љубов доволна да ми даде сила да живеам и да ја пренесам таа љубов и на следните генерации заедно со споменот за девојчето кое ја имаше најпрекрасната насмевка.
Верувам во духови, но не во оние што личат на чад, туку во духовите кои ги носиме во нас, а ги претставуваат сите спомени кои што ги имаме и ги предаваме на следните генерации... тоа никогаш не умира... тоа се пренесува од генерација на генерација... само така може да се постигне безсмртност... а сето она што не тера да го почуствуваме и пренесеме е Љубовта!