BRAVO!
(Улица Босанска 95… Надвор студи-корни…)
Немам храборст (мадиња), да излезам надвор и да си ја соберам елката. А и да ги имам, жал ми е за комшивките, нема смисла да ги остам без коментар. Овој период од годината им е најтежок. Најголемиот дел од денот го врват дома, па немаат многу контрола за она што се случува низ Маџермаале. Единственото нешто што прават овие дена се ретроспективи на се она што се случувало низ маалото изминатата година. Накратко, ги има фатено запек, па немаат многу лајна за јадење.
Ај ќе ја остам елката за утре… тешко е да си легнеш гладен…
Е сега кога сум веќе внатре, на топло, и кога распустот официјално ми започна денес во 15:30 време е да поднапишам нешто тука. Факт е дека мене изгледа не ми било судено да имам интернет кога сите останати почнуваат се повеќе да го користат. Моето време помина… поминаа времињата кога мирцав од дома и кога после ASL ме прашуваа од каде мирцам, а јас горделиво им одговарав: “Од дома“. Па сега не ми останува ништо друго освен да се помирам со тоа дека барем уште некој месец ќе морам со дискетчиња да одам во интернет кафеа. Знам дека на некој сега ќе му текни на флеш меморија, ама се зареков дека никогаш нема да користам такво помагало за вакви цели – читање и постирање на блогови. За мене тоа е враќање назад и прифаќање на дискриминацијата што им ја вршат кабелските интернет провајдери на “корисниците“ кои што живеат во куќи и кои не познаваат никој во радиус од 500 метри кој што сака да има интернет. Па нас бе треба први да не понудат, а не да наоѓаат изговори дека прво требало да се покријат пределите кои се погусто населени со интернет корисници. (сега ми иди да се изнапцујам, ама ќе се воздржам…а и пцуењето повеќе има шмек кога се слуша отколку кога е напишано)
Море бе, колку само работи пропуштив за овие два месеци дури апстинирав. Го пропуштив моментот кога станавме Кандидат за во ЕУ… Пропуштив да ја честитам Новата Година, патем еве сега ја честитам. Иако е закасната честитката барем од срце е…
Друго… ААА!!!... Ова всушност е и мотивацијата за ова постирање - “Пикањето“ на Букаро, Ана, Ивица, Анастас, Лала, Јован, Моби и Државникот во “Неделно време“. Браво! Алал да ви е, навистина. По се изгледа дури сега започнува вистинската раволуција на блоговите и истакнувањето на оние кои вистински вредат. Знам дека во прво време многумина од вас никако не сакаа да потклекнат, но сепак мислам дека постапија доста правилно. Во секој случај дозволивте за вас да дознаат и луѓе кои претходно појма немале што е тоа блог, блогирање, нецензурирано пишување… едноставно внесовте искреност. Браво, пак. Му покажавте на нашата јавност дека со нив е една нова генерација која размислува слично како нив, но која е малку похрабра, и шознам… која можеби ќе успее да смени нешто, бидејќи ни требаат промени… посебно нас, на младите. Секоја чест!
(Истата улица, истиот број, надвор можи и поќе студи сега, ама ќе морам да одам и да го објавам ова…)
Post a Comment